Дводневна екскурзија низ Источна Македонија 2019

Во периодот од 18-19.04.2019, според програмата за изведување екскурзии, учениците од VI-1 и VI-2, заедно со класните раководители Габриела Јорданов и Марина Димоска, ја реализираа планираната дводневна екскурзија низ Источна Македонија.

Прва дестинација на учениците беше античкиот локалитет Стоби. По разгледувањето на овој наш богат „музеј на отворено“, групата се упати кон Дојран на пријатна прошетка покрај езерскиот брег. Учениците со себе понесоа сувенири како спомен од посетата на ова наше питомо јужно гратче.

Следуваше пат до Колешински водопади, убав споменик на природата, чија восхитувачка глетка се откри по дваесет-минутно пешачење. 
Во доцните попладневни часови се пристигна во Струмица, каде следуваше сместување во хотелот "Тивериопол", мал одмор, вечера и време за слободни активности.

Вториот ден беше предвиден за посета на старите и преубави манастири во Водоча и Вељуса. Двата манастира се со неопислива убавина и прекрасно опкружување. Со големо внимание беа проследени информациите што ги произнесоа сестрите од сестринствата, кои со срдечност и гостопримство ја пречекаа групата и ги претставија тајните за овие велелепни ранохристијански храмови.
По овие посети, беше предвидена прошетка по плоштадот и градскиот парк во Струмица.

По ручекот во хотелскиот ресторан, учениците се збогуваа со овој прекрасен град и се упатија кон Радовиш, град познат по уникатниот христијански храм посветен на Св. Тројца. Учениците поминаа неколку часа во пријатниот амбиент на околината, а потоа се упатија кон Скопје, понесувајќи со себе спомени од заедничкото дружење.