Патронен празник на училиштето 2020

УЧИЛИШТЕ НАШЕ - ВО СРЦЕ ТЕ НОСИМЕ,
СО ТЕБЕ ПОСТОИМЕ,
НА ВРЕМИЊА ПРКОСИМЕ!
ПАТРОНЕН ПРАЗНИК
СО ГОРДОСТ ПРОСЛАВУВАМЕ,
РАСТЕМЕ, ТРАЕМЕ И ОПСТОЈУВАМЕ!
ПРАЗНИЦИ СВЕТЛИ
СО РАДОСТ ДОЧЕКУВАМЕ
И КОГА ДОМА ОСТАНУВАМЕ,
ПАК ГИ ОДБЕЛЕЖУВАМЕ!
Драги наши ученици, родители, вработени и пријатели на нашето училиште! 
Силна е пораката со која го одбележуваме јубилејното независно опстојување на ООУ „Кирил и Методиј“, колку што е силна нашата љубов кон училиштето, која ја документиравме со видео запис, што ќе не потсетува на едно време во кое функционираме физички одвоени, но духовно сплотени и обединети до бесконечност. Триесет и пет години постоење е сериозна бројка во која младоста и зрелоста се обединуваат, а продуктивноста е на највисоко ниво. 
ВИЕ СТЕ ХЕРОИТЕ НА ОПШТЕСТВОТО во овие бурни времиња, затоа што со својот труд, посветеност, креативност и емпатија докажавте дека образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот. Нашата мисија е реализирана. Станавме училиште со современ образовен процес кое нуди поддршка на детските права и мултикултурализмот, инклузивноста, ефективноста, здравјето, сигурноста и безбедноста. Заеднички се движиме кон реализирање на нашата визија да создадеме ефективно и модерно училиште во кое ученикот и неговите потреби ќе бидат во центарот,преку интерактивна соработка меѓу учениците, наставниците и родителите. Да опстоиме како училиште со здрава клима и пријатна атмосфера за работа во кое ќе создаваме личности со високи вредности кои ги знаат своите права и одговорности, ќе го негуваме меѓусебното почитување и толеранција и ќе градиме взаемна доверба и почит.
Велат ако сакаш успешна година, започни ја со најуспешните. Јас оваа учебна година ја започнав со најуспешниот тим, вистински просветители и следбеници на нашите патрони, кои секојдневно и несебично даваат дел од себе за колективниот успех и ја докажуваат светоста на учителската професија. Се гордеам што како ученик на ова училиште денес ја имам честа да управувам со него. 
Оваа учебна година ќе ја паметиме по многу успеси и предизвици, но и по едно убаво совпаѓање кое ретко се случува. За првпат одбележувањето на Светите браќа Кирил и Методиј се совпаѓа со одбележување на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Слави нашето училиште, но истовремено слават и населените места во кои се лоцираат двете училишни згради: Стајковци и Страчинци.
НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ РОДЕНДЕНОТ НА НАШЕТО УЧИЛИШТЕ И НЕКА ИМ Е ВЕЧНА СЛАВАТА НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ!
На нашите ученици, родители и вработени од подрачното училиште во Страчинци им го честитам и празникот Рамазан Бајрам и посакувам успешна и плодна соработка.
Директор, м-р Анита Ангеловска