„Деца од „растурено“ семејство“ (Broken Family Children)
Broken Family Children е двегодишен проект во рамки на проектната мрежа ЕУ / Еразмус+, кој започна во 2018 година, траеше до 2020 година, и опфати 5 земји: Турција како координатор на проектот, заедно со Полска, Романија, Италија и Северна Македонија како земји-партнери.
Во овој проект беа планирани и одржани работилници, обуки и дисеминации во училиштата во сите земји, со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат децата / учениците од дисфункционални семејства, каде едниот или двата родитела не се присутни во животот на детето од најразлични причини - иселување, развод, водење одделни животи итн.
Во рамки на проектот, наставниците од секое училиште ги набљудуваа, проучуваа и истражуваа начините на справување и надминување на овие семејни проблеми, кои многу ученици ги доживуваат во нивниот секојдневен живот.
Наставниците го споделија своето стекнато знаење и искуство со своите колеги, а воедно и ќе продолжат да развиваат начини и методи за правилно водење на учениците во нивното образование и во животот, охрабрувајќи ги да учествуваат во разни воннаставни активности, со цел зголемување на нивната самодоверба, начин на учење и однесување кон себе и кон другите.
Во периодот од 02-05.12.2018 година, во Тарсус, Турција се одржа првата транснационална координативна средба на меѓународниот проект KA229 Еразмус+ "Broken Family Children". На состанокот за дискутираше за менаџирањето со проектот, тековната реализација и дисеминација.
Од 25-29.03.2019 година се одржа втората планирана LTT-средба во Колобжег, Полска. Целта на состанокот беше развивање ефективни методи за работа со деца од дисфункционални семејства.
Од 16-19.09.2019 година се одржа третата транснационална координативна средба во училиштето „Петре Гелмез“ во Букурешт, Романија. На состанокот беа презентирани примери за добра практика и позитивното влијание на овој проект.
Од 04-08.11.2019 година се одржа четвртата LTT-мобилност во партнерското училиште во Неапол, Италија. На оваа средба наставниците се запознаа со методологијата CLIL, како и со некои од спортските активности што се практикуваат во училиштето како успешен инклузивен метод во образовниот процес.
Финалниот транснационален состанок на проектот требаше да се одржи во Македонија. Сепак, поради тековната светска криза со COVID-19, во консултација со Националните агенции на секоја земја, се одлучи состанокот да се одржи online, преку платформата за видео-конференции Zoom. Средбата беше закажана и одржана на 10.06.2020 година.
Целиот online-состанок беше снимен и одржан од домаќините Биљана Арсова (професор по англиски јазик / координатор на проектот за нашата земја), Емилија Наумовска (професор по англиски јазик), Елена Блажевска (професор по француски јазик). На состанокот учествуваа наставници и соработници од сите други земји вклучени во проектот.
Средбата помина без проблеми од технички аспект, според планираната агенда, со дискусии, PowerPoint-презентации и видео-презентации.
На почетокот, секоја земја кратко објасни како кај нив моментално се одвива наставниот процес, со оглед на новонастанатата ситуација со корона-вирусот, по што кратко беше образложен описот на проектот и целите, а потоа следуваше и презентација на карактеристиките и важните места за посета во Македонија.
Беше спомената веб-страницата на проектот , на која се објавуваат сите реализирани активности.
Се презентираше македонскиот образовен систем и неговите карактеристики, како и општинското основно училиште „Кирил и Методиј“, сместено во Стајковци, Скопје, неговата мисија, визија, тековните наставни и воннаставни активности.
Беа презентирани и сите реализирани посети на земјите-партнери во проектот, како и дисеминациите на проектот што ООУ „Кирил и Методиј“ ги има спроведено во текот на проектот.
Една од последните презентации беше генерален осврт на училишниот психолог за проектот, по што секоја земја го сподели своето мислење, искуство и бенефит од проектот. Заклучокот е дека дисфункционалната состојба на овие деца е широка и деликатна тема, со постојана потреба од набљудување и подобрување. Затоа, целите на проектот ќе продолжат да бидат составен дел од секојдневниот процес на учење.
Во текот на средбата беа прикажани и видео-презентации за главниот град, Скопје, како и за Охрид, еден од градовите планирани за посета, а исто така и видео за воннаставни активности со учество на ученици од ваков вид семејства.
Средбата заврши со песна под наслов „Градиме мостови“, како симбол на заедништво, поврзување држави и култури и обединување ученици и наставници од различни националности.
По состанокот, земјата-домаќин ќе испрати сертификати за присуство / учество на сите учесници на состанокот, потпишани од директорот на училиштето.
Сликите од последната средба со земјите која се одржа online на Zoom на 10.06.2020, можете да ги погледнете на следниот линк: