Меѓународен ден на образованието

Одбележувајќи го 24 Јануари, Меѓународниот ден на образованието, ООУ "Кирил и Методиј" - Стајковци ја пишува својата историја. По 40 години од своето постоење денес започна изградбата на фискултурната сала за учениците од нашето училиште. Почетокот на изградбата го најавија градоначалникот на општина Гази Баба, г-н Борис Георгиевски и претседателот на Владата, г-н Зоран Заев. На настанот, со почитување на протоколите, присуствуваа и претседателот на Советот на општина Гази Баба, г-н Тони Бојковски, советници од Општината, која е инвеститор, наставници, родители, претставници од бизнис секторот, сограѓани од нашето населено место и претставници од медиумите. "Изградбата на фискултурната сала ќе овозможи да ја подобриме воспитно образовната работа и ќе влијае врз психо-физичкото здравје на учениците преку нивно ангажирање во спортски активности според сите стандарди, не во импровизирани услови како до сега", истакна директорката на училиштето, м-р Анита Ангеловска, во своето обраќање пред присутните. Таа потенцираше дека имиџот кој го стекна ООУ "Кирил и Методиј" во изминатиот период се должи на макотрпната работа на сите инволвирани, на мултикултурноста, ученичкото учество и демократската партиципација, инклузивноста и интеграцијата. Горди сме на соработката со родителите, локалната заедница, бизнис секторот и Општината и нивната поддршка во реализацијата на сите наши иницијативи и проекти.

Нека ни е среќно, брзо и успешно градењето на фискултурната сала и следната учебна година да се собереме во нормални услови, без маски, да ја пуштиме во употреба.